
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес потпиша девет договори за техничка поддршка за организирање локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој. Вкупната вредност на договорите изнесува 1.283.889 денари.
Поддржаните манифестации се посветени на промоцијата на домашните земјоделски производи, подобрувањето на нивната препознатливост, непосредното поврзување на производителите со потрошувачите, како и афирмацијата на локалната традиција, гастрономијата и руралниот туризам.
„Најкраткиот пат од нивата до пазарот понекогаш започнува на локалниот плоштад, место каде што производителот може лично да застане зад својот производ, да го понуди и да му овозможи на потрошувачот да ја препознае неговата вредност. Со оваа поддршка отвораме простор локалните заедници да го претстават најдоброто што го создаваат, а манифестациите да донесат конкретна придобивка за изложувачите и локалните производители“, истакна министерот Серафимовски.